ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА УЖАС: Три лица се убиени во средно училиште во Босна и Херцеговина

УЖАС: Три лица се убиени во средно училиште во Босна и Херцеговина

72

Помошник-вработен застрелал тројца вработени во гимназија во градот Сански Мост во Босна и Херцеговина. Според информациите, престрелката се случила утринава околу 10:15 часот. Откако осомничениот го извршил нападот, се обидел да си го одземе животот, пукајќи си во главата. По ова, тој бил пренесен во болницата во Бања Лука во тешка состојба.

Според очевидци на настанот, вооружениот влегол во просториите на гимназијата со автоматска пушка, со претходно утврдени мети. Тој ги застрелал директорот на гимназијата Нијаз Халиловиќ , секретарката Нисвета Кљуниќ, и професорката по англиски јазик, Гордана Миџан. Телата на загинатите се пренесени во Здравствениот дом Сански Мост.

„Лицето М.В со автоматско огнено оружје убил тројца вработени во училиштето. После тоа, тој се обидел да си пресуди и се здобил со тешки телесни повреди. Тој е префрлен во Ургентниот центар во Бања Лука. Полицијата е на лице место“, изјави портпаролот на МУП на Унско-санскиот кантон Аднан Бегановиќ.

Инаку, според неофицијални информации мотивот за грозоморното убиство бил поранешни несогласувања со загинатите, а пред извесно време за него била изречена и дисциплинска казна.