Одбележување на 18 август – Денот на македонската Армија почна во петокот (16 август) со традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот, а со воени церемонии празникот се одбележа и во командите и единиците на Армијата во сите касарни во Републиката.
По повод Денот на Армијата синоќа во скопската касарна „Илинден“ беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.
За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.
Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана 30 полноправна членка на НАТО.
Северна Македонија на 11 место во НАТО според процентот од БДП наменет за одбраната
Северна Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, се посочува во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на земјите членки.
Согласно дефинициите на НАТО, како трошоци за одбраната се сметаат исплатите направени од страна на националните влади за потребите на своите вооружени сили, на сојузниците или на Алијансата. Во расходите за одбрана, меѓу останатите, се вклучени и трошоците за други сили финансирани преку буџетите на други министерства, покрај оние од Министерството за одбрана, како и средствата директно исплатени од државата за пензии на воените лица и цивилите што биле вработени во воените структури, за мировни и хуманитарни операции, за уништување на оружје, опрема и муниција и за истражување и развој.