Раководството на Град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со претседателот на Владата, му порача градоначалничката на главниот град, Данела Арсовска, на премиерот Христијан Мицкоски и го повика да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот.
„Теми кои градот Скопје ќе ги предложи, а за кои сметаме дека треба да се изнајде решение е надминување на активната блокада во Советот од страна на советниците од владејачкото мнозинство, блокадата на претпријатијата од страна на Управните одбори и изгласувањето на програмите за работа на Јавните претпријатија. Воедно очекуваме и потврда за предлогот за формирање на заедничко работно тело помеѓу Владата и градот Скопје. Се надеваме на искрен и партнерски пристап од страна на Владата, во корист на граѓаните на градот Скопје“, напиша Арсовска на својот фејсбук-профил.
Премиерот Мицкоски денеска во изјава за медиумите посочи дека доколку нема прогрес во решавањето на проблемите и состојбите во Град Скопје, ќе мора да се дејствува радикално.
„Да се обидеме да го санираме тоа што може да се санира со разговор, со политика, со дипломатија, а доколку видиме дека нема прогрес, тогаш ќе мораме инвазивно да влеземе во решавање на проблемот“, рече Мицкоски.
Прашан во врска со предлогот на Град Скопје да се формира заедничко координативно работно тело со Владата, како што вчера предложија од кабинетот на скопската градоначалничка, Мицкоски изјави дека ќе направи сè што е потребно за решавање на проблемите во главниот град.