Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази сомневање дека ситуацијата со пожарите кои беснеат во земјава е случајна додавајќи дека како Влада прават сè за да се справат со огнената стихија.
Осврнувајќи се претходно во одговор на новинарско прашање за мерките што досега како Влада ги имаат преземено, премиерот рече дека со оваа затекната ситуација со пожарите прават невозможни работи и оцени дека работата е под контрола.
„Морам да кажам се сомневам дека е случајна, да имаме по 40 пожари секој ден коишто ни се случуваат не може никој да ме убеди дека се случајни. Рекордни 651 во јули за 21 ден или рекордни 66 на 29 јули. Не може никој да ме убеди дека сето ова е случајно. Но, тоа е што е, и ние мораме да се занимаваме со потребата да го решаваме ова, не можеме да очајуваме и да кукаме сега и да велиме тешка е работата. Правиме сè што можеме и како влада и благодарност до сите оние луѓе на терен што прават сè што можат да се справат со огнената стихија“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Царинската управа.
Говорејќи во таа насока, премиерот апелираше до граѓаните да не влегуваат во процес во кој некој може да настрадаат бидејќи, како што кажа, тоа е неповратен процес во кој нема цена што може да го врати изгубениот живот на еден човек.
Тој посебно апелираше до граѓаните што сакаат доброволно да се вклучат во справувањето со огнената стихија на планината Галичица, која предизвика вознемиреност кај жителите и туристите во Охрид од кои некои, според информациите, почнале да се пакуваат во страв дека огнените јазици можат да се спуштат до кампот во Љубаништа.