Илјадници жители во Грција се евакуирани од своите домови бидејќи големите шумски пожари беснеат низ предградијата на Атина, а пламените јазици на некои места достигнуваат и до 25 метри.
Запалени се домови и имоти во околните градови, како и североисточните делови на грчката престолнина, вклучително и училиште во Неа Пантелија. Авионите кои го гаснат пожарот мораа да се повлечат во текот на ноќта, што уште повеќе ја отежна работата на копнените сили. Отежнувачка околност е силниот ветер кој придонесува за брзо ширење на пожарот, јавува Би-би-си.
Жителите се жалат дека нема доволно противпожарни возила и пожарникари за помош, додека грчките власти апелираат за меѓународна помош.
Се очекува помош од Шпанија, Италија, Турција, Романија и Канада, Франција ќе обезбеди помошен хеликоптер, а Чешка ќе испрати 75 пожарникари и 25 возила.
Илјадници луѓе добија наредба да се евакуираат, а некои одбија за да ги спасат своите домови. Синоќа, на луѓето во градовите и селата, вклучувајќи го и историскиот град Маратон, им беше наредено да се преселат во побезбедни области.
Во гаснењето на пожарот беа ангажирани повеќе од 700 пожарникари, 119 возила и голем број војници, а помогнаа и бројни доброволци.
Оваа година Грција забележа највисоки температури во својата историја во јуни и јули.