ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Уништена спомен плочата за загинатите на Карпалак

Уништена спомен плочата за загинатите на Карпалак

87

Тешка провокација на Карпалак. Искршена спомен плочата со имињата на загинатите бранители. Реакции со осуда стигна и од Министерството за одбрана и од бранителите. Полицијата се уште трага по сторителот или сторителите.

Искршена спомен плочата со имињата на загинатите бранители, уништени венци и свеќи кои беа запалени на помен за душите на загинатите фрлени во нива. Ова е сликата на Карпалак еден ден откако беше одбележана годишнината на загинувањето на бранителите.

Ако сликата од терен вчера беше ова.. денеска јавноста е сведок на невиден вандализам на поединци или групи кои засега се непознати на полицијата.

Додека властите со години се обидуваат да најдат соодветен начин да изградат соодветно спомен обележје за бранителите, нешто што го бараат и граѓаните и семејствата на загинатите, очигледно на поединци им смета постоењето и на една обична плоча, ставен на банкина покрај автопат.

– Настанот веднаш е пријавен во Министерството за внатрешни работи, за превземање на соодветни мерки за идентификување на сторителите на овој немил чин. По соодветните дипломатски линии, случајот е пријавен и до меѓународната заедница. Министерството за одбрана веднаш превзема активности за поставување на нова спомен плоча и истата ќе биде поставена во најбрз можен временски рок, информираат од Одбрана.

Осуда има и од бранителите.

Инаку, додека во државата никнуваат споменици на УЧК, некои високи и по 30 метри со цели музејски комплекси, државата повеќе од една година не може да почне ни соодветна иницијатива за изградба на достоинствен споменик за загинатите бранители кај Карпалак.

На 8 август 2001 година армискиот конвој на патот Скопје-Тетово, кај месноста Карпалак беше пресретнат во заседа кога загинаа десетте прилепчани: Сашо Китаноски, Марко Деспотоски, Нане Наумоски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Веби Рушидоски и Ердован Шабаноски.