ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ЦУК: Гори на шест места во државата – пожарот кај гевгелиско Негорци...

ЦУК: Гори на шест места во државата – пожарот кај гевгелиско Негорци е ставен под контрола

113

Шест пожари се активни на територијата на државата, од кои сè уште гори на критичните точки кај селата Тажево и Брезница во околината на Македонски Брод и во близина на ловиштето „Јасен“, како и на Илинска Планина. Според информациите што утрово ги сподели Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот што вчера избувна кај гевгелиско Негорци е ставен под контрола.

Од 41 пожар што вчера се евидентирани, 26 се изгаснати, а девет се ставени под контрола.

„Активни се пожарите на отворено во Општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница и кај ловиштетот ‘Јасен‘. Вториот е на териториите на Општините Демир Хисар и Охрид, поточно на Илинска Планина, кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани. Третиот е во Општина Чашка, кај селата Папрадиште и Ореше. Активен е и пожарот што изби вчера во Општина Петровец, кај селото Градманци. Гори и во Општина Кочани, кај местото викано ‘Панаѓур‘. Шестиот активен пожар е во Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода“, велат од ЦУК.

Под контрола се ставени пожарите во Студеничани, како и во Гевгелија, Охрид, Македонски Брод, Пласница, Делчево, Прилеп и еден на територијата на Општините Богданци и Дојран.

На вчерашната владина седница е констатирано и дека само во јули се регистрирани 620 пожари. Се дискутирало и за штетите, но и за причините за толкавиот број пожари.