ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Таравари ја постави за директорка на дебарската болница истата докторка која доби...

Таравари ја постави за директорка на дебарската болница истата докторка која доби кривична пријава за лажен сертификат по англиски

377

Докторката Севдије Коџа добила решение од министерот за здравство Арбен Таравари дека е нова директорка на болницата во Дебар, потврди самата за „Слободен печат“, откако Министерството за здравство со денови не одговара на ова едноставно прашање поставено од нашата редакција. Станува збор за истата личност за која МВР во февруари годинава поднесе кривична пријава за „употреба на документ со невистинита содржина“.

„Пријавената С.К. вработена во Општа болница Дебар, набавила лажен меѓународен сертификат за познавање на англиски јазик, издаден од училиште за јазици од Република Бугарија. С.К. го употребила сертификатот за познавање англиски јазик при аплицирање на конкурс за именување директор на ЈЗУ Општа болница Дебар, по што од министерот за здравство била именувана за вршител на должноста – директор на ЈЗУ Општа болница Дебар“, пишува во билтенот на МВР од 14 февруари годинава.

– Не знам зошто така се пишуваше за мене во медиумите. Минатиот октомври бев на едукација во Сингапур со таа диплома и сè беше во ред. Така што не знам зошто така се пишуваше за мене во медиумите, немам добиено никаква пријава на мојата адреса – изјави докторката и нова директорка за „Слободен печат“.

Таа вели дека министерот за здравство ѝ барал само уверение за неосудуваност. На нашето прашање каков сертификат за познавање англиски јазик приложила сега кога аплицирала за директорка, таа вели дека не ѝ бил побаран и не приложила сертификат.