ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА На помош во гаснењето на пожарите доаѓаат уште 10 воздухоплови

На помош во гаснењето на пожарите доаѓаат уште 10 воздухоплови

243

По активирањето на механизмот за цивилна заштита на ЕУ, денеска се очекува на помош во гаснењето на пожарите да пристигнат шест хеликоптери и четири ер трактори. Два хеликоптери од Србија, два од Унгарија, еден од Словенија и еден од Чешка, и четири ер трактори, два од Германија и два од Шведска. Вкупно 28 пожари на отворено го одбележаа вчерашниот ден.

Најсериозно е во Старо Нагоричане, Кратово, Македонски Брод и Свети Николе. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, ја оценува ситуацијата како сериозна и апелира граѓаните да не учествуваат во гаснењето, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири.

Во текот на вчерашниот ден, според информациите од директорот на ЦУК, Ангелов, имало 28 пожари на отворено.

-Бројот значително падна, тој е преполовен. Во овој момент десет од нив се активни. Тоа значи дека 18 изгаснавме, односно неколку од нив се ставени под целосна контрола. Состојбата е сериозна бидејќи од овие десет околу половина горат во високи квалитетна шума, а најмалку два зафаќа борова шума, изјави Ангелов.

Ангелов во видео изјава вчера апелира до граѓаните да не излегуваат со непотребни апели за собирање на луѓе за да одат да помагаат во гаснењето на пожарите.

-Како држава имаме доволно припадници на Армијата и полицијата и ако тоа некаде го побараат локалните авторитети кои командуваат со гаснењето на пожарите – градоначалниците, ние можеме да испратиме онолку војска или полиција колку што тие ќе побараат. Граѓаните не секаде можат да бидат од корист, напротив, некаде можат да сметаат во работењето на професионалните служби, на пожарникарите, војската, полицијата, на Национални шуми, на пожарникарите доброволци или на самите летала. Граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места кога огнот загрозува некое село или како во синоќешниот случај кога постоеше мала можност огнот да дојде до градот Пехчево. Во гаснењето на пожарите, граѓаните не треба да учествуваат, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири на територијалните противпожарни единици, рече Ангелов и апелира да не се создава непотребна паника.