Али Ахмети, Арбана Пашоли, Блерим Беџети, Дијана Тоска, Исмаил Јахоски, Рина Ајдари и Садула Дураки се пратениците на ДУИ кои пред неколку дена на своите службени имејл адреси добиле заканувачки пораки. МВР на 26 јули објави соопштение во кое се вели дека неколкумина пратеници во Собранието на службените имејл адреси на 23 јули добиле пораки со заканувачка содржина.
Пратениците на ДУИ самите открија дека се работи за нив. Во содржината на текстот освен закани, има и навредливи зборови, а упатени се и закани до нивните семејства. Министерството за внатрешни работи го истражува случајот. Реагираше и претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши кој апелираше надлежните институции да го истражат инцидентот. Реагираа и од Алијанса за Албанците од каде што најостро ги осудија заканите кон пратениците Албанци во Собранието.
Вицепремиерот Изет Меџити од коалицијата Вреди вели дека никој не ги вознемирува и задева пратениците на ДУИ, тие не се чинител. „ДУИ со кибернетски електронски мејлови си се закануваат самите себе, па го пријавуваат тоа во полиција. Тоа се нивни политички акробации“, изјави Меџити за ТВ 21.
„Што може да го натера некого за закани кон нив. Тие мора да си се посветат самите себе, мора да се реформираат. Треба да се огласуваат со нови идеи, а не со ваквите политички акробации преку електронски мејлови да се закануваат самите себе и да го пријавуваат тоа во полиција. Нив не ги вознемирува никој и не ги задева, тие не се чинител“, изјави Меџити.