ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Британија со предупредување за туристите, кои одат во Грција- поради корона се...

Британија со предупредување за туристите, кои одат во Грција- поради корона се враќаат маските

73

Туристите од Велика Британија кои се подготвуваат за одмор во Грција добија итно предупредување, по последното зголемување на бројот на заболени од коронавирус.

Како што објави Дејли мејл, станува збор за нова варијанта на ковид-19 под ознаката „флерт“, а поради неговото ширење е зголемен бројот на пациенти во болниците.

Предупредувањето е издадено откако грчките власти забележаа зголемување на бројот на пациенти за 44 отсто, поради што болниците во Атина повторно го воведоа задолжителното носење заштитни маски.

Помеѓу 8 и 14 јули, 669 нови пациенти со коронавирус се примени во болниците во Грција. Во просек, во последните четири недели во болниците имало 464 пациенти.

Во исто време, регистрирани се 26 смртни случаи заразени со вирусот, што е значително зголемување во однос на 17, колку луѓе во просек починале во последните четири недели.

Во предупредувањето до туристите се наведува дека оние кои се ранливи на инфекции како коронавирусот, особено постарите, треба да бидат внимателни и брзо да реагираат на првите симптоми на инфекција. На здравите луѓе кои се сомневаат дека имаат корона се препорачува да избегнуваат контакт со ранливите категории за да се спречи ширење на вирусот.

Некои болници, покрај задолжителното носење маски, воведоа и задолжително тестирање на посетителите.

„Никогаш не рековме дека коронавирусот е победен. Летово, на сред сезона на одмор, имаме многу повеќе случаи од лани. Имаме многу болни и починати случаи“, рече Мартина Пагони, претседателка на здружението на лекари во Атина и Пиреја.

Медицинските работници сметаат дека зголемувањето на бројот на заболени ќе продолжи најмалку до крајот на јули.

Интересно е што Бугарија, која граничи со Грција, упати предупредување до своите граѓани кои планираат одмор на југот.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно објави дека Ковид не е победен и дека во просек од овој вирус секоја недела во светот умираат околу 1.700 луѓе. Истовремено, се намалува бројот на вакцинирани кај постарите лица и здравствените работници кои се први на удар.