Осум активни пожари на територија на државата се регистрирани во последните 24 часа. Сè уште е активен пожарот на планината Серта, над селата Драгоево и Селце. Три пожари има на територија на општина Чашка, кај селата Богомила и Ороше, кај селото Габровник и кај селата Јаболчиште и Дреново. Петтиот пожар е во општина Градско, кај селото Подлес, кој се простира и на територија во општина Росоман, кај село Сирково, пожар има и во општина Македонски Брод, кај селата Слатино и Грешница. Пожар има и во село Небрегово, во општина Долнени и кај село Бадилен, во општина Ново Село.
Полициски воздухоплов од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици и вчера дејствуваше во гаснењето на пожарот што избувна на планината Серта, меѓу штипските села Драгоево и Селце. При дејствувањето, во 26 налета се исфрлени 39 тони вода. Од МВР велат дека пожарот сè уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.
Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданова вчера попладне за МИА изјави дека пресеци на планината се направени во непосредна близина на селата.
– Тешко одеше правењето на планинските пресеци бидејќи станува збор за стрмен дел на планината. Огнените јазици интензивно се гаснат од земја, од страна на пожарникарите од ТППЕ-Штип, Пробиштип и Кочани, припадниците на Армијата и полицијата, ЈП „Македонски шуми“ и месното население. Комуналните претпријатијата на Штип и четири градежни компании се вклучија во гаснењето на пожарот со градежна механизација – изјави Јорданов.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов информираше дека вчера во гаснењето на пожарите биле вклучени 145 припадници на Армијата, распоредени на различни места, 55 полицајци, од кои 30 од Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 25 припадници на единицата „Тигри“, 40 припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој раководи со регионалниот Кризен штаб за борба против пожарите во државата, информира дека штетите беа предизвикани од пожарите се незначителни, немаме изгубено шума од висок карактер, туку претежно грмушки, сува трева и смреки. Нема материјални штети, ниту пак последици по домовите и домаќинствата на граѓаните.
– По иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски, а во врска со пожарите во регионот, деновиве беше формиран регионален кризен штаб. Со мерките кои беа преземени во изминатите два дена од заседавањето заедно со министрите за внатрешни работи и одбрана на Република Македонија, Панче Тошковски и Владо Мисајловски и градоначалниците од соседните општини, како и со ресурсите кои беа на располагање од АРМ, МВР, ЦУК, ДЗС, ТППЕ од сите општини, јавните претпријатија, приватниот сектор и воздухопловство и со оние кои беа дојдени на помош од страна, успеа да се изгасне пожарот во Радовиш, Неготино и Неготинско, а другите пожари во Штип, кај селата Пухче и Селце се под контрола, целосно локализирани и се очекува да се изгаснат – напиша вчера Јанчев на својот Фејсбук.
Од 15 јули 2024 година во земјава е воведена целосна забрана за движење во шумите. Забраната важи од 6 до 20 часот и ќе трае се до процената дека ризикот од шумски пожари е намален. Одлуката е по барање на „Национални шуми“ поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.
За непочитување на забраната, на физички лица кои ќе бидат затекнати ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Владата на 13 јули 2024 година донесе одлука за постоење кризна состојба во траење од 30 дена поради зголемена појава на пожари на територија на цела држава и поради топлотниот бран. Од оваа одлука, Министерството за внатрешни работи е задолжено да ангажира полициски сили во функција на поддршка при гасење на пожарите.
Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот се задолжуваат да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба, додека Министерството за финансии се задолжува да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.