ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Избегната катастрофа во Порцеланка, Велес, спречен пожар на 100 метри од склад...

Избегната катастрофа во Порцеланка, Велес, спречен пожар на 100 метри од склад со 80 тони плин

34

Избегната е катастрофа во близина на старата фабрика Порцеланка кај Велес. Пожар избил вчера попладнето, а огнот се проширил во кругот на фабриката на стотина метри оддалеченост од цистерни и склад со повеќе од 80 тони плин. Дирекорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вели дека благодарение на брзата и пожртвувана реакција на храбрите велешки пожарникари избегната е голема трагедија…

-Еве ги садовите со гас на некои стотина метри од последната линија на пожарот. Може да се случи вистинска катастрофа бидејчи овде има најмалку 80 тони гас распореден во овие налик цистерни, садови за складирање на гас, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Вчерашните дождови помогнаа во гаснењето на дел од пожарите низ земјава, но се уште активни се 13 жаришта… Од ЦУК информираа дека се изгаснати пожарите кај неготинско Калањево на планината Серта како и кај армискиот полигон Криволак, но армиски и полициски хеликоптери го надлетуваат теренот. Активни остануваат жариштата на Серта на штипската страна кај селата Драгоево и Селце кои благодарение на дождот се ставени под контрола. Таму Во гаснењето освен пожарникари и припадници на армијата, вклучени се и армиски и полициски хеликоптери.

-Веќе од рано утринава се делува на терен во атарот на село Селце, каде што припадници на ТППЕ со четири возила се веќе на терен, распоредени се со четириесетина припадници на армијата, теренски се делува на четири локации каде што има опожарени места, и со два хеликоптери воздушно се делува, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Останува и понатаму активен пожарот кај Росоман над селото Сирково. Покрај гаснењето од копно, таму од утринава интервенира и романскиот Спартан како и два словенечки хеликоптери. Дождовите изгаснаа и голем дел од пожарите на Огражден над селото Бадилен, но утринава пак има активни жаришта каде се очекува да се гасне и од воздух. Во меѓувреме целосно е изгаснат пожарот на Пелистер. Таму интервенираа битолските пожарникари со подршка на хрватскиот канадер и два ер трактори на ДЗС.