Албанскиот политичар со грчко потекло Фреди Белери го напуштил албанскиот затвор во понеделник за да отпатува во Стразбур и да положи заклетва како пратеник во Европскиот парламент, но ќе се врати на отслужување на казната поради изборна измама.
Локалните медиуми го снимиле Белери, кој во влегол во Европскиот парламент како кандидат на конзервативната Нова демократска партија на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, како го напушта затворот во дипломатски автомобил на грчката амбасада.
Белери беше уапсен во мај 2023-та година во текот на изборната кампања за градоначалник во својот роден град Химаре, дом на активна етнички грчка заедница. Победил на изборите, но никогаш не положил заклетва бидејќи во притвор го чекал судењето, а во март оваа година е осуден на две години затвор поради изборна измама.
„Сега патувам во Атина, а утре ќе бидам во Стразбур за да учествувам на првата седница на Европскиот парламент“, рекол Белери за медиумите на аеродромот во Тирана.
Случајот на Белери ги залади односите меѓу Албанија и Грција, балкански соседи чии односи често се затегнати поради културните и историски разлики.
Не се знае уште како Белери ќе ја врши својата улога пратеник во Европскиот парламент додека ја одлежува затворската казна. Во затвор ќе мора да се врати на 20-ти јули.
На Белери порано во јули му била одбиена жалба и потврдена му била пресудата за купување на гласови.
Белери го обвинил албанскиот премиер Еди Рама дека организирал заговор против него, што Рама неколку пати негирал и зборувал дека станува збор за правосудно, а не политичко прашање.