ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Таравари: На одговорност ќе бидат повикани сите кои несоодветно се однесувале со...

Таравари: На одговорност ќе бидат повикани сите кои несоодветно се однесувале со тримесечното бебе на Детската клиника

43

Министерот за здравство Арбен Таравари вечерва во објава на Фејсбук информира дека дознал за случајот со претепаното тримесечно бебе на Клиниката за детски болести, за кој првично објави порталот „Икс“. Семејството на бебето, како што додава Таравари, а како што и претходно објави медиумот, се сомнева дека детето било нападнато по вербална расправија со медицинските сестри за време на приемот во болницата.

Наводно, расправијата се случила бидејќи мајката на детето не знаела да комуницира на македонски јазик.

„Доколку овој случај е вистина, оваа медицинска сестра веднаш ќе биде отпуштена и јас лично ќе се погрижам веднаш да биде упатена до правните органи. Каква и да е вистината, виновниците за овој грозен и болен чин ќе бидат пронајдени и казнети“, пишува Таравари во објавата на Фејсбук.

Министерот за здравство вечерва заедно со директорот на Детската клиника тргна и лично да се сретне со семејството на детето. Оттаму потврди дека детето е повредено и оти има модринки по рацете. Уште еднаш повтори ќе се преземат мерки против секој кој постапил несоодветно со детето.

„Родителите се жалеа дека можеби не е третирано како што треба на Клиниката. Заедно со директорот дојдовме одблизу да видиме што се случува. Сите пациенти се важни, но децата се посебно важни. Од утре треба специјална комисија на Клиниката да разгледа и да ја слушне и другата страна. Ви гарантирам дека веднаш ќе преземеме мерки против тие коишто постапиле лошо кон детето коешто дојдовме вечерва да го посетиме. Не смееме да се однесуваме лошо кон пациентите“, изјави Таравари од пред семејниот дом на тримесечното бебе.

Случајот со тримесечното бебе кое било нападнато од персоналот на Клиниката за детски болести го објави порталот „Икс“. Родителите на бебето, како што објави медиумот, се сомневаат оти ова се случило како последица на вербален конфликт кој го имале со медицинските сестри за време на приемот. Сестрите биле нервозни бидејќи мајката и бабата на бебето не знаеле да комуницираат на македонски јазик.