ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Министерот Љутков најави реконструкција на локалитетот „Залив на коските“ на Охридското Езеро

Министерот Љутков најави реконструкција на локалитетот „Залив на коските“ на Охридското Езеро

70

Реконструкција и модернизација на системот за наводнување на комплексот „Залив на коските“ кај Градиште, повторно ставање во употреба на терасата на објектот за пријатен престој на посетителите, а од следната година и интензивни зафати за санација на платформата на наколната населба „Миќов град“ и кровните конструкции на колибите. Тоа денеска од Охрид го најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој беше во посета на локалитетот.

Љутков по обиколката на комплексот заедно со директорот на Музејот и со стручните лица од Заводот за заштита на спомениците и музеј – Охрид посочи дека целиот комплекс е оставен на забот на времето без какви било интервенции за негово одржување, уште помалку некакви вложувања во него.

Бидејќи станува збор за исклучително важен локалитет во Охрид и еден од најпосетените места за туристите што остварува и економски бенефит, Љутков најави дека веднаш ќе се отпочнат поголем број проектни активности во насока на доекипирање и подобрување на условите за работа во комплексот, со цел натамошно нормално функционирање на комплексот.

Вршителот на должноста директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Горан Патчев, од своја страна посочи дека понекогаш не се во прашање само средствата, туку и лошото менаџирање во управувањето со објектите што масовно се посетени од туристите и слабата поддршка од повисоките инстанци.

– Комплекот се одржува тековно, но може да се санира само онолку колку што се парите. Инаку „Заливот на коските“ на национално ниво е на второто место според приходите, и согласно тоа треба да се инвестира. Ние имаме изработено физибилити студија, така што треба да ги послушаме само добрите предлози и да одиме напред со добри практики, рече Патчев.

Инаку, Љутков уште ја искористи можноста да истакне дека во програмата на работата на Министерството за култура и туризам е предвидено културата да стане профитабилна дејност.

– Затоа и го споивме туризмот заедно со културата, бидејќи сметаме дека со развој и културниот туризам, културата може да стане значајна стопанска гранка, рече тој.