Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева испратила известување до претседателот на Собранието, Африм Гаши, дека судијката на Уставниот суд, Добрила Кацарска ги исполнила условите за остварување на старосна пензија со што го губи статусот на активен судија, што е услов еден судија да може да биде избран за член на Уставниот суд. Од Уставниот суд не го коментираат дописот и се повикуваат на Уставот. Засега од Судскиот совет нема образложение зошто овој допис е испратен сега, а уставната судијка Кацарска ги исполнила условите за старосна пензија на 30 јуни 2022 година.
Во дописот до кој дојде МКД.мк пишува дека според член 105 став 1 алинеја 7 од Уставот, Судскиот совет предлага двајца членови во Уставниот суд од редот на судиите.
„Имајќи во предвид дека со исполнување на условите за старосна пензија престанува судиската функција, а судиската функција е еден од условите за предлог на Советот и негов избор за судија на Уставниот суд, Ве известувам за донесеното решение“, пишува во дописот до претседателот на Собранието, Африм Гаши, потпишан од претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Во дописот, членувањето на судиите во Судскиот совет е поистоветено со членувањето на судиите во Уставниот суд.
Овој став Судскиот совет го донел врз основа на неколку донесени одлуки кои се однесуваат на членови на Судскиот совет од редот на судиите. На судијата Киро Здрвев му престана мандатот член на Советот во јуни 2022 година поради престанок на судиската функција. Од истите причини Судскиот совет констатирал престанок на мандатот член на Советот и на судиите Зоран Теофиловски во јули 2022, Гордана Спиреска во август 2022 и Мери Радевска во февруари 2024 година.