Продолжуваат заканите од Бугарија, и тоа од политички активисти кои имаат забранет влез во Македонија. Последната е против новинарот на Канал 5 Александар Видиновски по објава на неговата репортажа со соговорници, Македонци од Мала Преспа во Албанија, во врска со пописот во Албанија во кој за прв пат се појавуваат како Бугари, и тоа од редовите на граѓани кои на претходните пописи се изјасниле како Македонци, регира Македонската Асоцијација на новинари, МАН.
Целото нивно соопштение го пренесуваме во птодолжение:
Според изјавите на Македонците од репортажата на Видиновски тоа е резултат на силна бугарска пропаганда во Албанија како и негрижа на државата Македонија за одржување културен идентитет на Македонците во Албанија.
Во својот коментар на репортажата бугарскиот политички активист Виктор Стојанов му се заканува на новинарот Александар Видиновски со кривичен прогон и со притвор. Да потстетиме, спомнатиот активист Виктор Стојанов, политички и финансиски е поддржан од бугарските власти и подолг период е поддржувач на бугарската пропаганда и во Македонија, каде што веќе една година му е забранет влезот во државава.
Заканата со кривичен прогон и притвор за македонскиот новинар Александар Видиновски од Канал 5 воопшто не е само вербална писмена закана затоа што во минатото таквите закани навистина предизвикале и правни последици.
Македонската Асоцијација на новинари, МАН, повикува на поддршка од страна на јавноста но, и на новинарската струка во Македонија, за новинарот Александар Видиновски и телевизијата Канал 5 во одбрана на неговите професионални права и поддршка за крајно професионално однесување во изработка и објава на спомнатата репортажа од Мала Преспа во Албанија.