Албанскиот Институт за статистика денеска го корегираше името па наместо Северномакедонци како што беа запишани во пописните резултати сега пишува Македонци за сите оние албански државјани што се изјасниле како Македонци. Промената доаѓа по реакцијата на македонското Министерство за надворешни работи (МНР) и средбата на министерот Тимчо Муцунски со неговиот албански колега Хасани на форумот во Дубровник.
-Заедно со претседателот на Владата Мицкоски ја следевме ситуацијата. Имавме во неколку наврата комуникација и со службите во министерството за надворешни работи. Утврдивме некои прашања за кои што како држава имаме сериозна грижа, тие беа денес и јавно воочени во објава која што ја имаше од страна на МНР. Тука е и колегата Хасани, албанскиот министер за надрворешни работи. Стапив во контакт со него. Тој потоа стапи во контакт веројатно со соодветните служби во соседна Албанија. Информираше дека по однос на тоа прашање се работело за техничка грешка. Исрено ќе кажам дека сум му благодарен за брзата интервенција, изјави министерот за надверешни работи Тимчо Муцунски.
МНР уште најави дека ќе го повика македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски по што ќе биде решено дали и какви чекори ќе бидат преземени понатаму.
МНР ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во Скопје.
-Ќе зборуваме прво со нашиот амбасадор, секако, околу неговиот ангажман таму по однос на овие прашања. Околу тоа која е нашата стратегија во однос на сите овие прашања кои што јавноста секако будно ги следи и ние во одредени детали многу повеќе ги следиме и ќе ја договараме нашата заедничка стратегија. Но ќе повторам, стратегија која има за цел да ги заштити правата на Македонците кои што живеат на територија на Р. Албанија, но исто така и да работиме, да имаме добри биулатерални односи со Албанија како наш значаен сосед, вели Муцунски.
Според пописот на населението во Албанија, чии резултати беа објавени вчера, во оваа земја како Македонци се попишани само 2.281 државјанин, додека како Бугари 7.957 државјани, етничка заедница која ја немало на претходните пописи на населението. Во прегледот на етничката застапеност на населението, ја пишува припадноста за сите етнички заедници, освен за Македонците. Кај нив пишуваше – Северна Македонија.
Ова предизвика бура реакции. Освен МНР, реагираа и здруженијата на Македонците од Албанија.
Претставникот на македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу и членот на Комитетот за малцинства, Марјана Костофски, вчера на презентирањето на пописните резултати, демонстративно ја напуштиле салата.
На пописните резултати објавени од албанскиот Институт за статистика, остро реагираше и огранокот на Партијата на слободата за Мала Преспа, чиј претседател е Панди Јани, порачувајќи дека не ги признаваат и ја повикаа „европската заедница да спороведе суштинска проверка на нелигитимниот попис и веднаш да реагира“.
Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа“ ги отфрли прелиминарните пописни резултати во Албанија од минатогодишниот попис одржан од 18 септември до 30 октомври, па продолжен до 16 ноември. Бројот на Македонците и Бугарите се груб пописен фалсификат, се вели во реакцијата на Друштво Преспа.
Македонското друштво Илинден-Тирана остро реагира по објавените пописни резултати, кои се однесуваат на бројот на Македонците во Албанија и побара спроведувње нов попис под меѓународен мониторинг.