ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Во септември покачување на пензиите за 2500 денари

Во септември покачување на пензиите за 2500 денари

196

На првата владина седница во новиот состав е донесена одлука за линеарно зголемување пензиите во септември од 2500 денари. Второто покачување според одлуката на Владата ќе биде во март 2025 година за 2500 денари.

Конструкцијата на проектот за зголемување на пензиите била финализирана на вчерашната средба на премиерот Христијан Мицкоски со министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска и со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.

Мицкоски на Фејсбук објави дека станува збор за реализација на изборно ветување кон пензионерите.

Кочоска нагласи дека со ребалансот на Буџетот ќе треба да се обезбедат уште околу 80 милиони евра за да можат да се исплаќаат зголемените пензии. Од нив, како што кажа, околу 40 милиони евра се за линеарното зголемување, а останатите 40 милиони евра не биле предвидени од поранешната власт во Буџетот за годинава за непречена исплата на пензиите. Во фокусот на ребалансот, како што кажа, ќе бидат општините, пензиите, парите за плати, а се друго ќе се крати.

Во днешното владино соопштение е наведено дека на дневен ред на владината седница биле и избор на нови кадри во одредени инститици. За Генерален секретар на Влада е назначен Игор Јанушев. Тој претходно беше пратеник, директор на ЈСП „Скопје” и раководител на Секторите за воздухопловство и за општи работи при Министерството за транспорт и врски.

Ивица Томовски е назначен за директор на Службата за општи и заеднички работи. Томовски е поранешен управител на ЕЛЕМ Турс.

Нова директорка на Управата за јавни приходи е назначена Елена Петрова. Петрова беше дополнителен заменик-министер за финансии во последната техничка Влада.

Бобан Николовски е именуван за директор на Царинската управа. Николовски доаѓа од позицијата пратеник во македонското собрание и има 15 години работно искуство во Царинската управа.

Александар Јанев е назначен за директор на Бирото за јавна безбедност. Јанев работел на различни позиции во Министерството за внатрешни работи, вклучувајќи инспектор, раководител на единица и сектор, и аналитичар за потребите на министерството.

За шеф на Канцеларијата на Претседателот на Владата е назначен Владимир Нелоски, а негов заменик Саше Павлоски. Нелоски досега беше советник во Град Скопје.

ПретходнаМОНСТРУМ е мал збор: Ги силувал неговите ќерки, уапсен 36-годишен маж од Прилепско
СледнаДеспотовски со официјално барање до ЦИК: Секој член на СДСМ што го има на списокот да може да гласа со лична карта