ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Протекување во ГОБ „8 Септември“ поради невремето, се оперира во две други...

Протекување во ГОБ „8 Септември“ поради невремето, се оперира во две други операциони сали и нема проблем за пациентите

74

Поради големото невреме со обилни врнежи од дожд и силен ветер синоќа во Скопје, кровните одводи не успеале да ја соберат целата надојдена атмосферска вода и дошло до протекување меѓу прва и втора операциона сала. Поради тоа, се работи во други две операциони сали на приземје во болницата. Ова го изјави денеска, директорот на Градска општа болница „8 Септември“, Христијан Костов, во изјава за МИА.

– Има мајстори кои работат на лице место, се санираат последиците од невремето, проблемот ќе биде надминат за најбрзо можно време, ама пациентите не трпат, се работи во други две сали. Пациентите не треба да се грижат, нема никаков застој во медицинската грижа и заштита, појасни директорот.

Костов нагласи дека фреквенцијата на пациенти е многу голема, особено последните месец и пол дена, бидејќи сали на Клиничкиот центар не работат, а им недостасува персонал, особено во услови кога се и годишни одмори.

Директорот изрази надеж дека најбрзо што може ќе се надминат проблемите со операционите сали на Клинички, за да може и овде да се растерети состојбата со зголемениот број на пациенти.