Одделот за епидемиилогија на заразни болести при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во периодот од 26 април до 4 јуни регистирал три лабараториски потврдени случаи на конго-кримска хеморагична треска, соопштија денеска од Институтот.
Како што информираат оттаму, сите три случаи биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Воедно, се додава во соопштението на ИЈЗ, во овој период е регистриран и првиот случај на мали сипаници или морбили кај дете од струшко.
Според извештајот на Институтот, првиот случај на конго-криминска хеморагична треска е регистриран на 26 април кај 57-годишен сточар од селото Градец, во општина Крива Паланка, кој пријавил присуство на крлежи кај добитокот и каснување од крлеж на долните екстремитети, седум дена пред почетокот на симптомите.
Вториот случај бил лабараторски потврден на 30 април, кај 29-годишен маж од село во општина Арачиново, кој работел како електричар во приватна фирма. За разлика од првиот случај, тој негирал каснување од крлеж, контакт со животни и патување во странство.
Овие пациенти биле испишани од Инфективната клиника во Скопје.
Последниот случај, пак, лабараторски бил потврден на 4 јуни. Станува збор за 68-годишен пензионер од Делчево, кој често престојувал во село во близина на градот. Тој потврил дека бил каснат од крлеж на долните екстремитети во селото, кој бил изваден во домашни услови.
Во сите три случаи, наведуваат од ИЈЗ, биле пребарани контакти во семејството и во посетените здравствени установи, а блиските контакти, доколку ги имало, биле ставени под здравствен надзор од 14 дена.
Меѓу симптомите кои биле пријавени се епитакса (крварење од носот), малаксаност, замор, повраќање, фебрилност, болка во мускули, дијареа, тресење и главоболка.
Од Институтот за јавно здравје велат дека според досегашните податоци, постои веројаност за понатамошно пријавување нови случаи.