ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Гаши не бил добро разбран: Мојата татковина е Северна Македонија

Гаши не бил добро разбран: Мојата татковина е Северна Македонија

326

Претседателот на Собранието Африм Гаши преку Фејсбук објаснува дека негова татковина е Македонија, а дека „Косово е родно место или татковина на моите родители и јас го почитувам како такво заради нив“. Објаснувањето на Гаши следи откако неговата изјава дека Косово е неговата татковина предизвика бурни реакции во јавноста, а мандатарот Христијан Мицкоски му порача да им се извини на граѓаните на Македонија, ако навистина така изјавил.

-Во однос на прашањето за мојата татковина, свесен сум за обвинувањата и искривувањата од различни медиуми кои се обидуваат да привлечат внимание. Како претседател на Собранието на сите граѓани на Република Северна Македонија, сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде живее и работи со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија.
Да појаснам и за јавноста, точната изјава во моето интервју беше дека „Косово е родно место или татковина на моите родители и јас го почитувам како такво заради нив“ – напиша Гаши.

Тој верува дека „добро се разбираме за да не бараме детални објаснувања за поимите како родно место, татковина или мајковина, бидејќи албанскиот јазик користи и сложена именка што комбинира мајка и земја“.

-За мене најважно е преку нашите постапки да покажеме како ја гледаме нашата земја, која е нашата посветеност кон неа, кои се нашите придонеси и да правиме разлика меѓу оние кои ја градат и збогатуваат и оние кои ја уништуваат и крадат таа. Од тврдењата и изјавите за патриотизам граѓаните немаат никаква корист, а ние не сме тука да се натпреваруваме кој е по патриот. Јас не уживам во такви дебати и ова е мојата конечна изјава за оваа тема – вели Гаши.