Петровска вели дека треба да се воведе обврска никој да не може да се кандидира по третпат.
Таа побара да има и услов ако некој кандидат или избраниот претседател се соочи со кривична одговорност, да се повлече од функцијата.
Министерката за одбрана во заминување Славјанка Петровска, која најави кандидатура за лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, го прифаќа повикот на противкандидатот за оваа функција Јован Деспотовски оние што ќе загубат да не заземаат други функции во партијата. Но, таа смета дека треба да се воведат и други услови – на пример, да се забрани кандидирање по третпат (ако се пријави, на Деспотовски ова ќе му биде втора кандидатура за лидер на СДСМ) и да се предвиди оставка од лидерот ако се соочи со кривична постапка.
Во изјавата за ТВ Телма, Петровска најави дека во текот на наредната недела и официјално ќе ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ, согласно партискиот Статут.
„Доколку не бидам избрана, нема да прифатам или да извршувам каква било функција во партиските тела и во претседателството. За предложената изјава лично не сум против и ќе ја потпишам. Но, прво ќе предложам дополнување дека доколку некој кандидат не биде избран, нема да се кандидира по третпат за партиски претсeдател. Во изјавата треба да стои и дека доколку за кој било кандидат или веќе избран партиски претседател има или се отвори кривична постапка пред институциите, тој или таа ќе си даде оставка за да не ја компромитира партијата. Предлозите од партиските другарки и другарки треба да се разменуваат во партиска комуникација, а не преку медиуми“, вели Петровска за Телма.
Деспотовски, пак, кој од претходно ја имаше најавено кандидатурата за прв човек на партијата, во објава на својот фејсбук-профил побара секој учесник на внатрешните избори за претседател на партијата да се обврзе дека нема да прифаќа ниедна друга функција, ниту на централно, ниту на локално ниво, ако не биде избран.
Деспотовски додаде дека според него ова правило ќе овозможи фер игра, како и дека овој предлог го доставил до партиската централна изборна комисија.
„Ги повикуваме сите претседателски кандидати да ја покажат својата посветеност на фер игра и интегритет со потпишување на оваа изјава. Преземајќи го ова ветување, кандидатите ќе покажат дека им даваат приоритет на она што е во интерес на луѓето, на нашите членови и државата пред личната корист, поставувајќи моќен пример за етичко лидерство“, напиша Деспотовски.
Од петокот трае отворениот повик за самокандидирање на сите заинтересирани кандидати за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Право на кандидатура имаат сите членови на партијата кои ги исполнуваат критериумите и високите вредносни, морални и етички норми.