Новите построги правила за полагање не спречија препишување на матурскиот испит. Повторно излезе вибер група во која ученици меѓусебно си ги праќале одговорите на прашањата и есеите.
Матурантите кои на лице место биле фатени како препишуваат со телефони ќе треба пак да се пријават и да полагаат во август, оти нивниот испит ќе биде автоматски поништен.
Препишаните тестови, пак, на оние кои се договарале на вибер и не биле отстранети за време на испитот, ќе се откриваат потешко, односно при прегледувањето.
„Сега нашите оценувачи ќе добијат насоки дека треба да внимаваат на тоа и дека ако е споделен некој текст којшто е во вибер групите и ако тој текст го најдеме кај двајца ученици и двајцата ќе паднат. До минатата година добиваа 0 поени на текстот што значеше дека ако сите други прашања се решени, можеби да добијат двојка или тројка, сега ќе добијат единица, односно нема да го положат испитот“ – Билјана Михајловска, директорка на ДИЦ
Во групата именувана „Македонија“ имало околу 7 илјади членови и во неа се испраќани фотографии од прашањата, како и одговорите на испитот по мајчин јазик.
„Ако се членови на таа вибер група не можеме веднаш да кажеме дека тие 7 илјади лица препишувале. Некои ученици можеби влегле во групата пред месец дена, не знам кога е направена, но тоа не значи дека на денот на испитот имале телефон кај себе и дека гледале што се случува во вибер групата. Меѓудругото и не се сите ученици“ – Билјана Михајловска, директорка на ДИЦ
Вчера за првпат речиси 15 илјади ученици полагаа матура во ходници и спортски сали за да се избегне препишување.
Вториот екстерен испит ќе се полага следната сабота. И годинава, најмногу пријавени кандатити има за англиски јазик. Лани, токму на овој испит беа фатени 3 илјади матуранти како препишуваат на истиот начин како и годинава – во голема вибер група.