Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска изјави дека Република Српска има право на одлука за мирно разделување, бидејќи ја внесе својата територија, јурисдикција и независност во државната заедница на Босна и Херцеговина.
Додик изјави дека до крајот на јуни Република Српска ќе ѝ понуди на Федерацијата Босна и Херцеговина договор за мирно разделување, кој ќе содржи и аналитички дел за загрозување на Дејтонскиот мировен договор, пренесува РТРС.
Тој потсети дека Владата на Република Српска денеска донела одлука да назначи Работна група за изработка на договор за мирно одвојување од Федерацијата, додавајќи дека Српска има право на таа иницијатива, која се заснова на Уставот и Дејтонскиот мировен договор.
Рековме дека тоа ќе го направиме до 30 јуни. Ќе го анализираме пропаѓањето на Дејтонскиот договор кој остана само во сегменти. Многу работи не се уставни во оваа држава и ќе кажеме дека не можеме да останеме во заедница каде што сме ја вовеле нашата територија, нашата јурисдикција и независност. Ние имаме право на тоа, без разлика што Американците измислуваат и мислат дека некој се плаши од нив. Тие не се безопасен противник, знаат се да направат, но тоа не значи дека се во право, изјави Додик.
Тој изјави дека Република Српска влегла во БиХ како независна територија, која ги имала сите карактеристики на држава.
Додик денеска изјави и дека „поради сите лаги за Сребреница, луѓето во таа општина сакаат да ѝ го сменат името, ќе видиме како да го направиме тоа“.
Според него, немало операција во Сребреница на 11 јули, никој не умрел, ниту бил убиен „се што загина, почина надвор од Сребреница“.
Затоа некои наши луѓе во Сребреница покренаа иницијатива за промена на името, повеќе да не се нарекува Сребреница, туку на општината да ѝ се даде друго име, рече Додик.