ПОЧЕТНА СВЕТ Сопругот на италијанската пратеничка во ЕУ е пронајден мртов во автомобилот

Сопругот на италијанската пратеничка во ЕУ е пронајден мртов во автомобилот

171

Анџело Онорато, сопруг на италијанската европратеничка Франческа Донато, е пронајден мртов во својот автомобил во Палермо. Иако се уште се утврдува причината за смртта, Франческа Донато веднаш се огласи со порака: „Го убиле мојот сопруг Анџело“.

Цело утро го барала Анџело, вознемирена затоа што не одговарал на нејзините повици. На крајот успеала да му влезе во трага на автомобилот на нејзиниот сопруг, темно зелен теренец Land Rover, и повикала брза помош. Анџело Онорато бил архитект и поседувал продавница за мебел во Палермо.

Според првите информации, околу вратот имал врзана пластична лента, пишува Corriere della Sera. Тој бил пронајден како седи на возачкото седиште. На телото не биле констатирани прострелни рани, но на кошулата била забележана крвава дамка.

Инспекторите не исклучуваат дека Онорато имал состанок со некого на локацијата каде што бил пронајден. Донато, која била сослушана во полиција, ги демантираше шпекулациите дека нејзиниот сопруг се самоубил.

Инаку, 55-годишната Донато беше избрана во Европскиот парламент во 2019 година од партиската листа на Северна лига. Во Брисел таа се истакна по нејзините силно евроскептични ставови и противењето на единствената валута. За време на пандемијата, таа се спротивстави на вакцинацијата и рестриктивните мерки, а во 2021 година ја напушти партијата Северна лига.

Онорато се занимавал и со политика. Во 2022 година се кандидираше на сицилијанските регионални избори на листата на демохристијаните, но не беше избран. Неговите познаници биле шокирани од веста за неговата смрт, имајќи предвид дека ноќта пред смртта бил виден на забава во тениски клуб во Палермо.