ПОЧЕТНА ЗАБАВА Под мотото „Спектакуларно непослушни“ во јуни ќе се одржи Парадата на гордоста...

Под мотото „Спектакуларно непослушни“ во јуни ќе се одржи Парадата на гордоста во Скопје

54

„И новата владејачка гарнитура ќе сака да покаже дека оваа држава има демократски капацитети, бидејќи успешноста на една Парада на гордоста зборува токму за тоа какви се демократските капацитети на државата и колку институциите ги почитуваат правата на сите граѓани, па и на оние кои што не се мнозинство“, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Со мотото „Спектакуларно непослушни“ на 22 јуни годинава че се одржи петта по ред Парада на гордоста во Скопје, информираа денеска на прес-конференција претставниците на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Појдовна точка на парадата ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе започне собирање на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици, според истата рута како и минатите години. Парадата ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права рече дека очекуваат и оваа година ниво на безбедност да биде високо, како и минатите години.

„Сега се наоѓаме во една деликатна ситуација бидејќи се уште официјално не се завршени изборите, затоа што имаше прегласување на неколку места, а Државната изборна комисија се уште не излегла со крајните резултати од изборите и поради тоа се уште немаме официјална комуникација со Министерството за внатрешни работи за да ги започнеме подготовките околу Парадата на гордоста од безбедносен аспект. Тоа ќе го сториме кога официјално ќе бидат завршени изборите, но сметам дека и новата владејачка гарнитура ќе сака да покаже дека оваа држава има демократски капацитети, бидејќи успешноста на една Парада на гордоста зборува токму за тоа какви се демократските капацитети на државата и колку институциите ги почитуваат правата на сите граѓани, па и на оние кои што не се мнозинство“, рече таа.