ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МВР се вклучува во кампања: Дали би знаеле што да направите ако...

МВР се вклучува во кампања: Дали би знаеле што да направите ако вашето дете исчезне?

52

Амбер Алерт Европа стартува со кампања низ цела Европа со совети како да се постапи во случај на исчезнато дете. Кампањата „Проверете, размислете, пријавете“ ќе биде активна во 16 држави на 14 јазици по повод Меѓународниот ден на исчезнати деца.

Министерството за Внатрешни работи на Република Северна Македонија во почетокот на 2024 година потпиша Меморандум за разбирање со Фондацијата Амбер Алерт Европа и со тоа и МВР е дел од оваа кампања и систем за случаи поврзани со исчезнати деца.

За Меѓународниот ден на исчезнати деца, Амбер Алерт Европа, Европскиот центар за исчезнати деца почна со кампањата „Проверете, размислете, пријавете“. Оваа иницијатива, насочена кон родителите и негувателите, овозможува сеопфатни совети „чекор-по-чекор“ што да прават во случај на исчезнато дете.

Кампањата ќе почне заеднички во 16 земји, од министерствата за внатрешни работи, националните полиции и водечките непрофитни организации посветени на заштита на децата.

Името на кампањата го дефинира нејзиниот основен совет: „Проверете“ за да го потврдите отсуството на детето. „Размислете“ за да се потсетите на најважните детали и да ја процените ситуацијата и „Пријавете“ за да ги алармирате надлежните итно.

Годишно, илјадници семејства ширум светот ја доживуваат траумата од исчезнато дете. Во такви моменти, информираноста какви чекори да се преземат е многу важна.

Препознавајќи ја оваа потреба, Амбер Алерт Европа соработуваше со експерти од областа на исчезнати личности за да ја развие кампањата „Проверете. Размислете. Пријавете“.

Секоја година, 300 илјади деца исчезнуваат во Европа. Кампањата „Проверете. Размислете. Пријавете“ е клучна пресвртница во нашите постојани напори да ги заштитиме децата и да ги поддржиме семејствата во време на такви кризни ситуации,“ вели Френк Хоен, претседател и основач на Амбер Алерт Европа.

Кампањата ќе се одвива во Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешката Република, Италија, Литванија, Малта, Холандија, Република Северна Македонија, Полска, Португалија, Словенија, Шпанија и Обединетото Кралство.
Повеќе информации за кампањата и совети за реагирање во случај на исчезнато дете погледнете на овој линк.

Амбер Алерт Европа, Европски центар за исчезнати деца е фондација која се стреми да ја унапреди заштитата на исчезнати деца и да превенира исчезнување на деца преку нивна едукација и создавање свест за темата на исчезнати деца и основните причини за нивно исчезнување. Амбер Алерт Европа поврзува експерти од над 45 владини организации, попрецизно министерства за внатрешни работи и полиции и невладини организации од 28 земји со крајна мисија нула исчезнати деца во Европа.