ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА СИРИЗА: Мицкоски го прекршува Преспанскиот договор

СИРИЗА: Мицкоски го прекршува Преспанскиот договор

150

Грчката опозициска партија СИРИЗА недвосмислено го осудува, како што велат, новото провокативно кршење на Договорот од Преспа од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар на новата Влада, Христијан Мицкоски. Од партијата бараат од идниот премиер да ги усогласи своите ставови со меѓународното право.

Мицкоски во текот на вчерашниот ден најави дека ќе ги користи термините Македонија и македонски, бидејќи на тој начин, според неговото толкување на Преспанскиот договор, нема прекршување.

Некогашната владеачката партија во Грција го потсетува ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на принципот на меѓународното право „pacta sunt servanda“ (договорите се обврзувачки и треба да се почитуваат), како и на пропишаните санкции кои произлегуваат од меѓународното право при континуирано кршење на Договорот од Преспа.

Партијата потсетува дека „Договорот од Преспа е дел од европското законодавство и целосното усогласување со него е неопходен услов за членство на Северна Македонија во ЕУ“.

-Во исто време потсетуваме на американскиот декретот од 2021 година кој предвидува санкции во случај на прекршување на Договорот, велат од СИРИЗА.

На 08.06.2021 година, претседателот на САД, Џо Бајден потпиша декрет кој им дава овластување на тамошните сојузни власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан и Северна Македонија, како што е Преспанскиот договор.

Од партијата се обраќаат и до владата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, повикувајќи ја „да ги преземе потребните активности како што е предвидено со Договорот и веднаш да го интернационализира прашањето со што новото владеачко раководство на Северна Македонија ќе се соочи со своите одговорности пред меѓународната заедница во случај да продолжи да го прекршува Договорот“.

СИРИЗА е децидна дека треба да се ратификуваат трите меморандуми кои произлегуваат од договорот меѓу двете земји.

-Навистина е жално што Договорот што го постигнаа прогресивните сили во Грција и Северна Македонија, кој е споменик на соработка и разбирање за цела Југоисточна Европа, се доведува во сомнеж од двете сестрински партии во ЕПП, со цел да ги привлечат националистичките публики, тактика која со текот на времето ја хранеше омразата меѓу балканските народи, соопштуваат од СИРИЗА.