ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Матура ќе се полага во училници, на факултети, сали за физичко и...

Матура ќе се полага во училници, на факултети, сали за физичко и по холовите на училиштата

148

Според планот во една училница треба да има максимум 15 матуранти, а доколку нема доволен број на училници или пак училиштето нема спортска сала дел од матурантите ќе се распоредат по други училишта. Во Министерството за образование велат дека распоредот го прави Државниот испитен центар, а термините за полагање се први и осми јуни

До петок ќе се знае кое училиште каде ќе полага матурски испит. Извори за „Слободен печат“ велат дека распоредот за полагање е скоро готов, но се прави детален распоред на училиштата кои имаат многу матуранти. Според планот во една училница треба да има максимум 15 матуранти, а доколку нема доволен број на училници или пак училиштето нема спортска сала дел од матурантите ќе се распоредат по други училишта. Во Министерството за образование велат дека распоредот го прави Државниот испитен центар, а термините за полагање се први и осми јуни.

– Според календарот за организација на учебната 2023/2024 година во јавните средни училишта екстерните испити од државната матура ќе се реализираат во две испитни сесии и тоа јунската која е на први и осми јуни. На први јуни матурантите ќе полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература, а на осми јуни ќе се полага математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика. Изборот за полагање на екстерните предмети е направен од страна на матурантите- велат во МОН. Според календарот има и августовска испитна сесија која ќе се одржи на 12 и 14 август. Сите испити се со почеток во 10:00 часот.

Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска за „Слободен печат“ вели дека најголема организација треба кај училиштата кои имаат и по 600 матуранти за кои се потребни 40 училници.

– Во петок имаме состанок на кој точно ќе се утврди кои училишта каде ќе полагаат матура. Во опција се секако и салите за физичко, но и холовите на училиштата. Матурантите навреме ќе бидат известени за се- вели Михајловска.

Наши извори велат дека матурантите од средното хемиско училиште СУГС Марија Сколдовска -Кири и средното ветеринарно училиште СУГС „Браќа Миладиновци“ матурски испит ќе полагаат на Факултетот за змејоделство и храна. Се бара простор за средното Фискултурно училиште. Според нашиот извор најверојатно ќе ги користат просториите на некое основно училиште. Освен кај скопските училишта проблем со простор има и кај едно тетовско училиште за кое решение ќе се најде веројатно со полагање во некое основно училиште.

За приватните училишта ќе се користат нивните училници, но можно е доколку има малку матуранти да се спојат со некое државно средно училиште за полагањето на матурски испит.