Во однос на информациите од ДУИ за можна нестабилност доколку ДУИ не остане во власта, ВМРО-ДПМНЕ денеска реагира дека „Интегративците“ знаат да се служат со тактиката на страв и манипулација.
„ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги отфрла неоснованите обвинувања и тактиките за поттикнување страв што ги користи ДУИ. Македонскиот народ се изјасни низ демократските процеси, а обидите за поткопување на неговата волја се неприфатливи.
Обидите на ДУИ да се сликаат како бранители на албанските права не се ништо друго туку фасада за прилепување до власта по секоја цена. Нивното искуство доволно говори за нивните вистински намери. ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата на македонските Албанци „Вреди“, се залага за правда, транспарентност и вистинска застапеност за сите граѓани на Македонија.
Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби. Нашиот фокус е поддржување на владеењето на правото, промовирање на единството и унапредување на интересите на сите граѓани, без разлика на етничката припадност“, порача освојувачот на убедливо најголем број на пратенички мандати на парламентарните избори.
Централното претседателство на ДУИ вчера се собра во седиштето во Мала Речица за да разговара за последните политички случувања во земјата создадени по изборите на 8 мај.
Според извори на ТВ21, лидерите денеска ќе се сретнат и ќе испратат сериозна порака и предупредување до ВМРО-ДПМНЕ да не си игра со Албанците и да не ја потценува волјата на мнозинството Албанци како втора по големина заедница во државата.
Според извори на телевизијата, лидерите на Европскиот фронт и Али Ахмети ќе го предупредат ВМРО-ДПМНЕ, но и лидерите на ВЛЕН да го почитуваат легитимитетот произлезен од изборите на 8 мај.
Извори на ТВ21 велат дека на средбата било споменато дека Европскиот фронт со фанатизам ќе го брани легитимитетот на Албанците во земјава, во спротивно ќе се изгуби потребата од политичко организирање на Албанците во Македонија.