ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Советот на амбасадори упати честитки до Сиљановска Давкова и до ВМРО –...

Советот на амбасадори упати честитки до Сиљановска Давкова и до ВМРО – ДПМНЕ

45

Советот на амбасадори изразува задоволство и упатува честитки до бирачите на ниво на цела држава за високото ниво на демократска зрелост, демонстрирана преку масовната излезност и мирното и достоинствено изразување на правото на сопствен глас.

Во оваа прилика, упатуваме честитки до д-р Гордана Сиљановска Давкова на убедливата победа и историскиот избор на првата жена – претседател на државата. Посакувајќи ѝ успешен мандат, изразуваме надеж дека соработката на Шефот на државата со Советот на амбасадори ќе продолжи и понатаму, во насока на унапредување и зајакнување на надворешната политика на земјата, и натамошно проширување и продлабочување на билатералните и мултилатералните односи со соседите и сите меѓународни чинители, на сите полиња од заемен интерес, вели Советот на амбасадори.

Честитки упатуваме и до ВМРО – ДПМНЕ за остварениот завиден резултат на парламентарните избори. Посакувајќи мирен трансфер на власта и навремено формирање на новата Влада, Советот на амбасадори изразува подготвеност за понатамошна соработка во спроведувањето на ЕУ агендата, односно во имплементација на клучните општествено -економски реформи, зајакнување на демократските процеси, фундаменталните вредности и владеењето на правото, како предуслов за стабилност и просперитет на земјата и забрзување на евроинтегративниот процес, во поддршка на националните интереси на државата и сите нејзини граѓани.

Го истакнуваме како позитивен исчекор во демократизацијата на изборните процеси јавното прифаќање на изборниот резултат од страна на Претседателот во заминување Стево Пендаровски и Претседателот на СДМС, Димитар Ковачевски, кои упатија честитки до новоизбраната претседателка и до опозиционата ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицковски. Сето ова претставува уште еден израз на демократска култура на партиските чинители во земјата и предвесник на вообичаено протоколарно предавање и преземање на функциите претседател на државата и мандатар за формирање на новата Влада, исталнува Советот на амбасадори.