Македонија повторно твоја е и концепт кој укажува на тоа дека државата создадена за народот во моментот ја нема, не функционира и е киднапирана од стотина политичари на ДУИ и СДСМ, а сите останати се од втор ред, пишува во отворено писмо до јавноста Луке Галески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и Директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
-Како одговорен за Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и за кампањата, се чуствувам повикан да одговорам на сите оние прозивки кои во последно време доаѓаат од ДУИ и Бујар Османи дека кампањата и слоганот биле шовинистички, или пак оние од СДСМ дека Македонија повторно твоја, значело враќање на некаков режим… И сочекав да видам дали е ова најдоброто што можат да го произведат, но очигледно, тоа е единственото нешто што и можеа да го кажат, во отсуство на реален наратив, пишува тој.
Во однос на тврдењата на ДУИ, Галески вели дека Македонија повторно твоја е огледалото на немоќта на народот да се спротивстави на концептот кој го надминува она што досега го претставуваше ДУИ, партија која ја монополизираше темата, но и, како што пишува, ја киднапира слободата да се говори за правата на Албанците од еден поинаков неполитички и чисто граѓански апсект, ним многу поважен.
-И ќе треба да им објаснат на Албанците како е можно тие да живеат со 200 денари на ден, а Артан и Бујар со по 2000 евра на ден. И колку да ја продуцираат темата на поделба на граѓанското ткиво и да јаваат на бранот на Македонци и Албанци, на западна и источна Македонија, на лев и десен брег на Вардар во Скопје, иако звучи клише, тие зборови ја потврдуваат вистината и овој пат дека нема ваша и наша, нема сдсмовска, вмровска, има само една Македонија, пишува тој.
Во однос на тврдењата на СДСМ, тој пишува дека тоа лицемерно.
-И тој револт на народот нема да биде само поради купувањето на Соравија од голобрадо дете, или поради делењето на шамарите во контролата на летањето. Ова се само последните скандали во редицата скандали и криминали поради кои ќе паднете. А имаше безбројно многу. Револтот е и поради името, и поради договорот со Бугарија, и поради модуларната болница, и поради тендерите во РЕК, фалсификуваните пасоши, поради крвавите раце на министрите во здравството… Сметката е отворена, а наплата се собира, се вели во писмото.