Уште од првиот ден на моето апсење во Турција, 5 декември 2023, од судот во Баликесир барав веднаш да бидам екстрадиран во Македонија и од 17 јануари 2024 година турските власти чекаа на македонските правосудни органи за да почне процедурата за мојата екстрадиција. Ова е дел од писмото од 29 април на Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за двојно убиство во Македонија, до министерот за правда Кренар Лога, а објавено преку политичката партија Десна, чиј претседател е Палевски.
Македонија на 7 декември 2023 година, според официјалните информации од Министерството за правда, го испратила барањето за екстрадиција на Палевски, кој тврди дека министерот за правда не направил ништо да биде изведен пред органите на прогонот во земјата. Палевски во писмото тврди дека министерот Лога имал партиска задача од коалицискиот партнер да биде надвор од Македонија за време на изборите.
Вчера министерот Кренар Лога на својот фејсбук-профил објави дека Македонија добила известување од Турција дека дале позитивен одговор на барањето на македонските власти за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо.
Љупчо Палевски Палчо во Македонија е осомничен за двојно убиство, на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.
Палевски е во бегство од крајот на ноември минатата година. Убиството на Вања Ѓорчевска беше извршено по нејзино грабнување додека одела во училиште. Таа беше ликвидирана во близина на Скопје.
За убиствата се осомничени уште 4 лица меѓу кои и таткото на убиената Вања, кој минатата недела беше пуштен во домашен притвор.