Со супервештачење ќе се утврдува како и зошто родилката Јалдз Веапоска остана без три органи – матката, јајникот и бубрегот, кога во 2020 година отиде да се породи со царски рез во струшката болница.
Судот во Струга денеска прифати да се прави супервештачење, затоа што верзијата за тоа што се случувало во операционата сала која ја даваат вештаците од Институтот за судска медицина, е дијаметрално спротивна од таа на вештакот на обвинетите доктори. Докторите се обвинети за несовесно лекување болни. Станува збор за тогашниот директор на струшката болница гинекологот Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и докторката Лилјана Јованоска.
-Јас ја чекам правдата. Ниедна жена да не молчи, да се охрабри и да излезе ако е жртва на лекарска грешка. Судско-медицински одбор во Скопје ќе одлучува за мене со супервештачење. Следното рочиште е закажано за 3 јуни а супервештачењето треба да се заврши за 30 дена, изјави Јалдз Веапоска за „Слободен печат“.
Инаку, вештакот од Медицинскиот факултет доктор Драге Дабески, во своето медицинско вештачење што го изготвил за случајот со родилката Јалдз Веапоска која отиде да се породи со царски рез, а остана без матка, јајник и бубрег, наведува дека тројцата обвинети лекари од болницата во Струга направиле се да ѝ го спасат животот на Веапоска. Тој вештачењето го изготвил на барање на обвинетите и наодот е контрадикторен во споредба со оној изготвен од Институтот за судска медицина.
Веапоска за „Слободен печат“ изјави дека не само што не е точно дека ѝ бил спасен животот, туку ја направиле инвалид.
Во неговото вештачење вели дека обвинетите доктори ми го спасиле животот со тоа што ги извадиле моите органи и со тоа што ме направиле половина човек. Како ми го спасиле животот кога ме пратиле за Скопје, пак сум легнала на операција и 14 дена бев во кома? Не знам како застанав на нозе и благодарна сум им на лекарите на клиниката во Скопје, но не на овие доктори тука кои ми го упропастија животот. Ме направија инвалид, жена која не може повеќе да раѓа и не можам повеќе да имам деца, изјави Веапоска.
Дабески пак, тврдеше дека Веапоска била во животозагрозувачка состојба поради крвавење од бубрежната артерија, но одлуката дали требало да се извади бубрегот била на хирурзите.
Според него, првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, примениле соодветни средства при лекувањето, не направиле пропусти и спасиле еден млад живот.
Сашо Јанев, адвокат на Веапоска посочи дека вештачењето од Институтот за судска медицина укажува дека се пропуштени многу работи при операцијата.
– Обвинетите ќе мора да одговараат за дејствијата кои ги презеле и за тие дејствија што не ги презеле. И самиот суд верувам ќе биде заинтересиран да се утврди вистината, како е возможно бремена жена да влезе здрава и права во операциона сала, а да излезе без три органи. Ќе ја расчистиме таа мистерија со пресудата. Доблесно е обвинетите да кажат колку се виновни за вадењето на органите, рече Јанев.