Митингот во Крива Паланка, кандидатката Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, го почна со погледнување кон часовник за кој рече дека го отчукува заминувањето на оваа, според неа, делегитимирана власт
Кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова, од вечерашниот митинг во Крива Паланка, ја обвини власта дека не креира рационални политики.
Силјановска-Давкова образложувајќи што значи да се води рационална политика, рече дека прво треба да се постави цел и да се одберат актерите кои ќе стигнат до неа. Треба, рече Силјановска-Давкова, да се определат средствата, но и да се проверува во текот на реализацијата дали се оди добро.
„Ние што се занимаваме со науката велиме дека политиката мора да биде рационална. Да креираше оваа власт рационални политики во сите области почнувајќи од образованието, здравството, социјалната заштита, меѓународната политика, ние немаше да се чувствуваме понижени“, рече Силјановска-Давкова.
Според неа, потребно е да за претседател да се избере човек од знаење, за кој рече ќе биде опкружен со тим што знае, умее и сака и кој рационално ќе ја води Македонија.
Силјановска-Давкова пред кривопаланчани обвини и дека власта води политика што е обид за гаснење на пожари.