ПОЧЕТНА ЕКОНОМИЈА Наместо зголемени плати за 12%, вработените во култура не добија никаква плата...

Наместо зголемени плати за 12%, вработените во култура не добија никаква плата за март – најавија протести

60

Наместо зголемени плати за ветените 12%, вработените во култура не добија никаква плата. Над три илјади работници се уште немаат земено ниту денар за минатиот месец. Алармираат дека за некој ден ќе останат и без здравствено осигурување. Веќе почнале и постапка за тужба за доцнењето на платата. Овојпат, велат дека ќе настојуваат и да се лоцира кој е виновен што сработеното не е платено навреме.

„Што се случува и кој е одговорен за колапсот што го создадоа во културата? За неуспехот на Владата, особено на Министерството за култура, да ги исполни своите обврски со тоа што не ги исплати ветените плати на сите вработени во културата согласно законите и договорите? Зошто Министерството за култура не ја исполнува својата обврска? Дали е тоа поради предизборна војна на партии или работата е уште подлабока – тотално потценување на уметноста и културата во рамките на владините приоритети?“ – Вера Атанасовска, претседателка на синдикатот за култура

Културните работници добија поддршка и од сојузот на синдикати. Првиот синдикалец најави дека ако и денеска нема плата, од утре ќе протестираат секој ден.

„Не бараме преку леб погача, бараме плата. Платата веќе сме си ја изработиме а работиме и за нова плата која треба да биде исплатена во мај. Недозволиво е ова да ни се случува особено не 15 дена пред избори. Сите да го имаат тоа на ум. Недозволиво е да барате наш глас, а притоа да не не плаќате како што треба. Зборуваме за плата, не зборуваме за мито и корупција. Немаат изговор. Платата најдоцна до крајот на денот доколку не легне, во текот на утрешниот ден почнуваат протестите“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Незадоволство изрази и СОНК. Оттаму велат веројатно Министерството за култура не направило соодветен план за користење на средствата и од таа причина Финансии не одобрува зголемени плати за 12 проценти.

И тие најавија протести, а не ја исклучија можноста и за генерален штрајк.

„Најверојатно од тоа што имаме комуникација со членството и советот, ќе се организира протест, без разлика што е период на предизборие. Без разлика што дел од медиумите и јавноста се повеќе насочени кон тие активности во државата, проблемот на вработените во културата е актуелен многу повеќе отколку случувањата на политичката сцена“ – Јаким Неделков, претседател на СОНК

Пред само две недели министерката за култура Костадиновска-Стојчевска уверуваше дека вработените во културата за март ќе добијат покачена плата.

Најавата за протест на културните работници доаѓа во период на зголемено незадоволство и протести во повеќе сектори.

Деновиве протестираат и специјализантите и вработените во Македонски шуми, а неодамна изглегоа и работниците во Пошти.

ПретходнаАлбанската опозиција во кампања со поддршка од косовскиот премиер
СледнаМицкоски вети: Завршување на автопатот Кичево-Охрид до 2026 година