Eдно лице загина, а десет се повредени во јужна Турција откако кабина од жичница удри во скршен столб и се отвори, по што патници испаднаа од неа. Поради несреќата, која се случи вчера околу 17 часот по локално време, повеќе од 170 луѓе останаа заглавени откако целата жичница беше сопрена, изјави градоначалникот на Анталија, Мухитин Бочек.
Според последните информации, десетици луѓе и натаму не се извлечени од кабините, но никој од нив нема повреди и не е во лоша здравствена состојба.
Во спасувачката акција се користат јажиња, седум хеликоптери со опрема за ноќно гледање, воен транспортен авион и над 100 возила.
„Во акцијата учествуваат над 500 спасувачи“, објави министерството за внатрешни работи.
Жичницата, која била пуштена во промет во 2017, располага со 36 кабини кои можат да примат по шест патници и оттаму се отвора панорамски поглед на Анталија.