Нема кој да лета со авионите „Ер-трактор“ кои се специјализирани за гаснење пожари откако од тројцата пилоти кои се задолжени за летање на овие авиони двајца заминаа во пензија. Поради распишување на изборите Државната комисија за спречување на корупцијата нови вработувања не дозволува.
Директорот на Дирекцијата, Беким Максути негира дека авионите се приземјени но потврдува дека имаат на располагање само еден пилот. Тој дополнува дека огласот за вработување ќе се распише веднаш штом ќе завршат изборите.
„Два пати се обративме до ДКСК и добивме негативно мислење за нови вработувања. Заради тоа се обративме до Владата за да ни одобрат да ангажираме двајца пензионирани колеги, кои ќе може да ни помогнат додека се реализира огласот, а потоа и обуката на пилотите. Сепак, сега се соочуваме со уште еден проблем, треба да обезбедиме повисоки плати за пилотите за да се согласат да се вратат“, вели Максути.
Друг проблем е и управувањето на самите авиони. Авионите модел „Air Tractor“, што се користат во ДЗС важат за најкомплицираните за управување, и за нив има строги критериуми. Од пет пилоти кои биле примени изминативе неколку години во Дирекцијата, само еден успеал да ја заврши дообуката и да добие сертификат за управување со „Air Tractor“.
„Минатата година изгубивме уште двајца пилоти кои не положија, односно не ги исполнија критериумите што беа побарани, без разлика што двајцата се искусни пилоти и летале со други авиони многу долго, но кога се работи за ваков тип на летало, сепак е предизвик“, вели Максути.
Појаснува дека сертификатот се добива од оператор, овластен од производителот на леталото, како и од Европската асоцијација за цивилно воздухопловство (ЕАСА), за која, Максути, вели има строги критериуми и дека во текот на една година може да се случи неколку пати да ги изменат директивите кон земјите, кои пак, се обврзани да ги исполнат и почитуваат.
Фактот дека авионите за гаснење пожар не се на располагање во сезоната кога огновите се секојдневие го загрижува и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, институција која ги координира тимовите кои се борат со огнените стихии. Тој вели дека минатата година, која била завршена со околу 2400 пожари на отворено, трите ер-трактори биле од голема помош и благодарение на нив многу пожари завршиле без поголеми штети. Прашува зошто се чекало толку доцна, кога се знаело дека пилотите најавиле дека ќе заминат во пензија.
„Во овој момент ер тракторите на ДЗС се приземјени и не летаат, бидејќи имаат само еден пилот. Се поставува и прашање дали ќе ја задржат дозволата за летање бидејќи има реакции од АЦВ до Владата. Во моментов не можеме да сметаме на поддршка на авионите на ДЗС, иако директорот се обидува да го надмине проблемот. Загрижен сум дека фактот дека нема да имаме авиони лошо ќе се одрази и ќе ни ги зголеми проблемите бидејќи очекуваме топло и суво лето со многу пожари и штетите може да се многу поголеми“, вели Ангелов.