ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Изгоре дел од Универзална сала, приведени три лица, две жени завршија на...

Изгоре дел од Универзална сала, приведени три лица, две жени завршија на токсикологија

377

Имам големи спомени од младоста. Сите најубави претстави, најубави концерти, тука се одвиваа. Тука ми помина младоста. Ја сакам Универзална. Се израдував кога видов се адаптира и обновува. Но, ова денеска што се случи е трагично“.

„Пред 50 години, од земјотресот навака, тука ни беше собиралиштето за секој настан. Ова е жалосно што толку години пропадна. Секогаш пред избори нешто палат…“

Не гори само објектот Универзална сала. Горат спомените. Гори местото каде што се одржувале многубројни манифестации, со кои генерации наназад растеле и присуствувале на истите. Гори симболот на Скопје. Симболот на државата. Симболот на солидарност.

За десетина минути пламените јазици ја голтнаа внатрешноста на Универзалната сала. Црн чад ги вознемири граѓаните.

Утрово, во 9.45 во СВР Скопје бил пријавен пожарот. Приведени се тројца градежници кои изведувале работни задачи во тој момент. Екипи на ЕВН го прекинаа снабдувањето на електрична енергија за да не се прошири огнената стихија… Жртви нема.

Две жени кои биле од соседните згради, завршија на Токсикологија, бидејќи вдишале чад, но се во стабилна здравствена состојба.

Причините за пожарот дополнително ќе се утврдуваат. Од фирмата-изведувач тврдат дека горела стара конструкција. Душко Поповски, поранешен директор на Универзална сала, вели дека првата информација која што ја примил кога станал директор, била дека сличен проект во Бугарија изгорел за седум минути.

Реконструкцијата започна од времето на екс градоначалникот Петре Шилегов, се работеше краток период пред локалните избори во 2021 година. По доаѓањето на градоначалничката функција на Данела Арсовска, градежните работи беа стопирани. Денеска Арсовска се огласи на социјалните мрежи, обвинувајќи дека таа и претходно тврдела дека има пропусти и проектот е небезбеден и погрешен.

„Две години укажувавме дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата, која е спротивна на проектот, дека нема шанси никој од градот да ја потпише градбата и да продолжи било каква реализација. Советниците во Советот на Град Скопје на седница во јули 2023 година одлучија Министерството за култура да ја превземе Универзална сала и нејзината ркеонструкција. По неколку месеци мистериозно гори Универзална сала.“ – напиша Данела Арсовска градоначалничка на Град Скопје.

Министерката за култура вели дека ќе ги почекаат извештаите кои треба да ја откријат причината за пожарот.

Утрово гореше симболот на солидарност, култура, љубов, душата на Скопје. Останува отворено прашањето дали Универзална сала која беше посакувана од сите, повторно ќе се издигне како феникс.