ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Сточарите незадоволни од откупната цена на јагнешкото

Сточарите незадоволни од откупната цена на јагнешкото

362

Сточарите незадоволни од откупната цена на јагнешкото велат од нивниот труд трговците заработуваат двојно повеќе.

Сточарите незадоволни од откупната цена на јагнешкото, која изнесува од 235 до 250 денари жива мера за килограм, укажуваат дека од нивниот труд трговците заработуваат двојно повеќе. Посочуваат дека најголем бенефит од нивното производството оди кај трговците, бидејќи како што велат, во месарниците килограм јагнешко достигнува цена од 800 денари.

Сточарот Бајрам Омер, од селото Лакавица во штипскиот регион, минатата година имал 400 овци, а моментално има 350, доколку пак, за наредната година планира да ги намали на 250 овци. Тој потенцираше дека сточарството е скапа професија доколку немаш храна за овците, како и дополнителен проблем вели се овчарите, бидејќи како што рече, се помалку млади луѓе прифаќаат да работат.

– Единствен сточар сум овде. Иако сум млад, ама и јас повеќе не можам, ме болат рацете од молзење. Планирам оваа година да го намалам стадото, лани имавме над 400, а сега сакам да го намалам на 250. Фармата ја направивме 1.200 квадрати, за да има 1.000 овци. Никогаш нема да направам стадото да биде толку големо, за џабе правевме. Сите сме анагжирани од утро до ноќ, немаме ниту еден слободен ден во годината, вели Омер.

Истакна дека државата дава пари за трактори и ги исплаќа субвенциите, но според него треба да се мисли и на модернизирање на сточарството, односно да се инвестира во системи за молзење, за кои Омер вели се скапи.

– Државата да ни помогне да има систем за молзење, оти тоа чини од 30.000 до 40.000 евра. Јас лани сакав да купам, ама не е исплатливо.Тие 40.000 евра за да ги спечалам мора пет години да работам, само за машините ќе треба да работам, за системот за молзење, вели Омер.

Семејството Тасеви во штипското село Сарчиево има 500 овци и за нив се грижат сите во семејството, синовите и снаите на Слободан Тасев. Тој вели дека дополнително ангажира и овчар. Според него годишно за ангажирање на овчар издвојуваат над 12.000 евра, но како што рече, се помалку млади луѓе сакаат да работат на бачило.