ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Собранието му испрати порака на НАТО дека сме сигурен сојузник, Левица беше...

Собранието му испрати порака на НАТО дека сме сигурен сојузник, Левица беше против

87

Собранието донесе декларација за одбележување на четвртата годишнина од членството на Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата. Подносител на декларацијата е спикерот Јован Митрески кој нагласи дека се потврдува определбата за давање сериозен и значаен придонес во обезбедувањето на регионалниот, но и на светскиот мир и стабилност. Против беше Левица, пратеникот Димитар Апасиев рече дека НАТО е агресор и прекршител на меѓународното право, алијанса која ги нападна Југославија, Либија и редица други држави.

Четири години по зачленувањето во Алијансата, оцени Митрески, тешки биле донесените одлуки на патот за членството, но вределе.

„Со оваа декларација Собранието на Република Северна Македонија во пресрет на јубилејната 75. годишнина од основањето на Алијансата ги изразува своите заложби за континуирано остварување на обврските од членството во НАТО и го потврдува опфатот на сите преземени мерки во насока на исполнување на обврските, политиките и заложбите на НАТО содржани во декларациите од самитите на Алијансата. Верувам дека за овој документ ќе обезбедиме силен концензус сличен на оној од 2020 година“, рече Митрески.

Со поддршката на декларацијата кажа дека на партнерите во НАТО ќе им биде испратена пораката, како што нагласи, дека во нас имаат посветен и сигурен партнер и сојузник.

„Дополнително, со усвојување на оваа декларација на самиот крај од мандатот ќе оставиме порака на идните пратеници и за идните генерации воопшто, дека од правецот по кој тргнавме нема отстапување и дека како пратеници ги препознаваме стратешките вредности. Од нив не отстапуваме и заеднички работиме на нивно целосно реализирање“, истакна Митрески.

Претходно, пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, кој како што рече, како единствена анти – НАТО партија побара тргање на декларацијата од дневен ред, изнесувајќи аргументи дека Алијансата е агресор и кршач на меѓународното право. Според него, членството во НАТО не носи економски просперитет и оти, како што рече, буџетот се користи за милитаризација, наместо за социјални пакети за граѓаните.

„НАТО не носи демократија и не штити од внатрешен судир. Не штити ниту од судир меѓу сојузниците, пример е војната меѓу Грција и Турција во 1974 година кога загинаа близу 10 илјади војници на двете страни. НАТО е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации. Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак, нападна и редици други држави. Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од Уставот кој што вели: ‘Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи’. Референдумот во 2018 година беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, рече Апасиев.
Собранието ги донесе и законите за изменување и дополнување на законите за Народната банка, за извршување на санкциите, за виното, за основање на Медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола. Го прифати и предлогот на автентично толкување на член 93 став 2 од Законот за урбанистичко планирање, но не го прифати барањето за давање на автентично толкување на член 19 од Законот за наследувањето.
Пратениците ја прифатија потребата од донесување по скратена постапка на предлог законите за култура, за здравствена заштита, за заштита и благосостојба на животните, законот за медиуми и за Македонската академија на науките и уметноститеи ги ставија на дневен ред на 149. седница.

ПретходнаЕК бара Македонија да врати над 2 милиони евра потрошени за измами!
СледнаСојузот на синдикатите на Македонија почнува серија протести