ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Нечесен гест на нечесен човек кој слугува, рече Стевчо Јакимовски за Бујар...

Нечесен гест на нечесен човек кој слугува, рече Стевчо Јакимовски за Бујар Османи

280

„Тоа е нечесен гест на нечесен човек, иако прашање е дали би одел бидејќи овие денови имам доста покани од луѓе за ифтар вечера“, изјави претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски откако противкандидатот Бујар Османи упати покани за ифтар софра до Стево Пендаровски, Гордана Силкановска Давкова, Арбен Таравари и Максим Димитриевски, но не и до него и не до кандидатката Билјана Ванковска.

„А зошто да ме погоди тоа што Бујар Османи не ме кани на ифтарска вечера“, рече Јакимовски на прашањето на водителот на интервјуто со него за Канал 5 и веднаш додаде:

„Има чесни и има нечесни луѓе, така што сме одвоени едни од други. Веројатно јас и противкандидатката Билјана Ванковска спаѓаме во чесните луѓе. А што може да се очекува од Османи, освен да продолжи да слугува. Тој и неговите другари имаа шанса од оваа држава да направат убавина. Вели ќе води европска политика, а кој му бранеше и досега да направат европска Македонија? Никој во државата, ниту Македонци, ниту Албанци немаат чувство дека правеле европска Македонија. Нели водеа војна, гинеа луѓе, бараа да седнат во институциите, се договоривме, влегоа. Очекувавме нивното учество во власта да ги направи институциите поефикасни, но не се случи тоа“, одговори Јакимовски во интервјуто.

Поврзувајќи го ставот на Османи со ставањето на „црната листа“ на САД, Јакимовски рече кога тој би бил преседател најостро би се спротивставил друга држава да прави свои листи на неподобни луѓе, а како што нагласи, уште повеќе би се спротивставил на инкорпорирањето на таквите листи во домашното законодавство.

Тој уште еднаш повтори дека станува збор политичко мешање во изборите и додаде дека последните денови добива кривични пријави или барања од обвинителството за некакви дообјаснувања и информации со цел да се „оцрни“ неговата личност пред избори, но и да се прикаже дека обвинителството нешто работи додворувајќи се преку извесни слуги на САД.

„Во мојата кариера службено имам потпишано договори во вкупна вредност од околу милијарда евра, но чесно и одговорно, лично пари не ме интересирале и тоа се измислици колку јас пари имам или поседувам имот“, рече Јакимовски и нагласи дека добива бројна поддршка од граѓани.

Тој нагласи дека „слугите“ се личности и од партии и од поединци, а нагласи дека од ВМРО-ДПМНЕ треба да се засрамат зашто своевремено им давал поддршка иако тие имаат најмногу лица амнестирани, аболицирани и лица од „црните листи“.

„Ќе заигра мечката и во вашиот двор, доаѓате бучно со музика и коли на власт, заминувате трагично со аболиции“, им порача Јакимовски на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: МКД.мк

ПретходнаТони Цетински се соочува со затворска казна, може да добие 8 години затвор
СледнаПрв пат во историјата на човек му е трансплантиран бубрег од свиња