Работниците под ризик да останат без покачувањето на минималната плата и усогласувањето согласно неа. Одлуката за новата минимална плата од 22.500 денари се уште не е објавена во Службен весник.
ССМ не очекува работниците да бидат изиграни, но предупредува дека кривично дело е ако надлежните не ја објават одлуката.
– Работодавачите кои планираат да ги изиграат работниците, особено сега пред избори, работодавачите кои ќе се обидат да не го почитуваат објавеното во Службениот весник, како износ на минимална плата, без оглед на тоа дали значи пораст на платата или усогласување согласно минималната плата, подлежат под кривична одговорност. И тоа најверојатно не им треба на функционерите, директорите, раководителите итн. токму во овие моменти на предизборие затоа што да не заборават дека работниците ги гласаат. И покрај ваквите манипулации. Да не заборавиме дека 2.500 денари е далеку помалку од 2.500 евра функционерска плата, вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Сметководителите веќе ги прават пресметките за мартовски плати. ССМ се надева дека утре или најдоцна до понеделник одлуката ќе биде објавена во Службен весник.
Усогласувањето согласно минималната плата е согласно законите и потпишаните колективни договори.
Инаку, Државната статистика пресмета намалување на просечната плата во јануари, споредено со декември. Јануарската просечна плата изнесува 39.542 денари, што е намалување за 456 денари споредено со декември.
ССМ вчера ја објави синдикалната кошница за март, според која, на четиричлено семејство потребни му се 59.000 денари за да го помине месецот. Синдикалната кошница во март споредено со февруари скокна за над 1.500 денари. Најголем раст има кај храната.