Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски изјави дека зад одлуката да биде ставен на црната листа на американскиот Стејт департмент не стои цела американска политика, туку „само некои нејзини делови“ и најави дека нема намера да се откаже од канидатурата за претседател на државата за која собра над 11.000 потписи.
„Од изборната кампања ни случајно нема да се откажам. Ова е само доказ дека моите политики се исправни и дополнителен мотив да продолжам понатаму“, рече рече Јакимовски на прес-конференција пред Општина Карпош во понеделникот попладне. Зад него стоеја негови приврзаници.
Тој вели дека е „изненаден од одлуката на Стејт департментот“.
„Како да не бидам изненаден кога на 4 јули бев поканет од Американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата е максимално редуцирана и се одеше строго по листа за на Денот на американската државност да не бидат присутни некои што тие не ги сакаат – криминалци или други несакани лица“, рече градоначалникот на Карпош.
Тој најави дека ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител за мешање во внатрешни работи.
„Ова е мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против н.н. сторител. Мора да се утврди кој од овде ја направи оваа нечесна работа“, рече Јакимовски и додаде дека тој е „единствениот кандидат што не е поддржан од Сорос, а граѓаните треба да одлучат дали Сорос ќе ни бира претседател на државата“.