ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МОРА да ги прочитате: Ова се 7-те работи со кои СДСМ треба...

МОРА да ги прочитате: Ова се 7-те работи со кои СДСМ треба да се пофали, пишува Никола Тасев

301

Колумна на Никола Тасев:

Предизборие е. Тргнаа партиите со кампањите. Предвреме, ама па сигурно имаат што да кажат. ПР стратегијата сигурно се „ковала“ цела година. Власта очигледно се определила за црната кампања против опозицијата. Чудна тактика на тамошните експерти. Наместо партијата да се фали со сите работи што ги направи во нејзиниот мандат, таа прави проѕирни штосови, што се разобличуваат веќе по 20 минути по објавувањето.

СДСМ треба да ги смени ПР-експертите и во духот на штедењето кое 4 години го правеше во државниот буџет, самостојно без да платат „зналци“ нека тргнат да ги објавуваат големите успеси од своето владеење. Еве ако тие заборавиле, ќе ги потсетам:

Прво, нека започнат со промоција и покажување на сите 1,300 км патишта и автопатишта, изградени во овој период. Вистински потег ќе биде премиерот и министрите во еден автобус заедно со новинари да се провозат по сите нови автопатишта. А ако стасаат до пред избори нека отидат и до новите 200 километри што пред некој ден Ковачевски ги додаде како завршени. Народот, само ова изграденото да го види ќе им даде нов мандат. А ако уште и ветат дека сигурно ќе биде направен патот Катланово – Петровец и Охрид – Кичево, кој може да ги победи на изборите?

Второ, треба да се фалат со успесите во реформирањето на администрацијата и средувањето на хаосот во образованието и здравството. Метри и метри долги соопштенија можат да напишат за своите успеси на ова поле. А ако само кажат дека ќе ја продолжат омилената реформа на Мила Царовска и ако потврдат дека веќе нема да вработуваат партиски кадри во администрацијата, а плус и дека ќе направат Клинички центар, дефинитивно опозицијата нема шанси за победа.

Трето, замислувам да имавме некоја друга – неспособна влада па да не го завршеа навреме процесот на промена на пасошите и да заробеа над 600.000 граѓани во државен притвор. Ама затоа оваа влада на СДСМ беспрекорно го реши овој проблем. Граѓаните се презадоволни од нив. Еве и со ова треба да се испофалат.

Четврто, треба веднаш да почнат да се сликаат пред секоја поголема странска инвестиција. Оти Македонија во време на оваа влада е инвестициски џин со најголеми резултати во Европа. Странците „се тепаат“ да дојдат на ред. Замислете како позитивен ефект би се развил Ковачевски да повози Формула 1 на новата писта што ја направија. А пак со болидот да прошиша покрај седиштата на Гугл, Фејсбук, Тетовската фабрика за електични возила… Па, папа… И да не заборават, треба да ги покажуваат и домашните инвестиции, а како пример може да ја посочат сопругата на премиерот и нејзините инвестиции во фотоволтаици…

Петто, да не ја заборават економијата и борбата со корупцијата… Па џабе ли ја спасија од колапс економијата за време на кризата? Мерките беа феноменални. Исто како што се изборија и со метастазираната корупција. Веќе никој во Македонија не мисли дека имаме корупција, тоа е голем успех, а тие, тоа не го апострофираат

Шесто, да се пофалат како го запреа иселувањето од Македонија. Нема веќе лекар што сака да си оди, нема веќе млад човек кому му се смачи од состојбата во земјата. Сето тоа е оти власта ги направи потребните работи.

Седмо, ова е владата што ги отвори преговорите со ЕУ. Е оти само страмежливо го споменуваат тоа. Фалете се море луѓе со овој историски „моментум“, како што самите го нарековте. Што има врска што опозицијата вели дека тоа се прави на штета на македонскиот национален интерес. Важно се доближивте до целта, само уште нешто остана да сработите за странците и готово – ќе не внесат во ЕУ.

Има СДСМ уште што да се фали, ама доста е ова. Не е фер опозицијата да биде дотепана до крај.

Зошто не ги користат овие адути не ми е јасно, а цели 4 години ни ги повторуваа, повторува…