ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Тошковски му врати на Џафери за поништените одлуки – Ај што сте...

Тошковски му врати на Џафери за поништените одлуки – Ај што сте неинформирани, па уште сте и дрски

482

Незаконито и скандалозно Владата поништува одлуки на министерот за внатрешни работи со кои треба да се олесни издавањето на лични документи. Панче Тошковски обвинува дека Илинденска прави преседан, бидејќи неговото решение било вработена во МВР, на доброволна основа, да биде вклучена во процесот на издавање документи. Џафери ја поништи одлуката на Тошкоски бидејќи на нејзе не стоел и потписот на неговиот заменик Бојмацалиев

„Владата се охрабри да поништи наредба што јас сум ја издал на колешка во МВР за да го тера процесот со фотографирање. Наредба на колешка, која на доброволна основа сака да помогне да се отвори пунктот во Ново Село, да функционира како што треба, за тие граѓани да може да бидат таму фотографирани, и Владата ја поништува. Па како не им е срам. Ај што се тотално неинформирани, правно непотковани, па уште и дрски да зборуваат за формални недостатоци“, дециден е Тошковски.

„Прв дојден, прв услужен“ беше хаотичен начин на функционирање кога треба да се издадат над 2 милиони документи, вели Тошковски. Затоа, МВР заедно со Министерството за информатичко општество поставија ново системско решение во Куманово, каде граѓаните со бројче ќе пристапуваат до шалтерите за фотографирање и подигнување на документи, без гужви и турканици.

„Можам да кажам дека првично од она што го видов сум задоволен како функционира овде во Куманово соработката којашто ја имавме досега и се надевам дека овој пилот-проект ќе може да го спроведеме во иднина, како системско решение кое би требало да го олесни процесот на спроведување на целокупната постапка поврзана со личните документи“, рече Тошковски.

„Во системот прво ги препознава граѓаните коишто се јавиле и телефонски имаат закажано или, пак, електронски и секогаш во нивниот термин тие први доаѓаат на слободниот шалтер, а по нив доаѓаат граѓаните коишто закажуваат на лице место, односно коишто земаат бројче. И во наредниот период продолжуваме со ваков тип на активности“, рече Андоновски.

Тошковски најавува дека во скоро време на сајтот на МВР ќе биде достапна опција да се провери каде граѓаните ќе можат да ги подигнат готовите лични карти во Скопје – дали во МРТВ или во полициска станица, или пак да бидат известени преку СМС порака – исто како што веќе е во процедура со патните исправи.