ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА До 2 април треба да бидат готови листите за пратеници, ВМРО-ДПМНЕ веќе...

До 2 април треба да бидат готови листите за пратеници, ВМРО-ДПМНЕ веќе ги утврди носителите

111

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги објавија носителите на листи за претстојните парламентарни избори. Непознаница останува само носителот на листата за петтата изборна единица.

Христијан Мицкоски вчера ги потврди имињата на носителите на листите на ВМРО-ДПМНЕ во 5 изборни единици. Тој ќе биде носител на пратеничката листа во првата изборна единица. Во двојката носител ќе биде Владо Мисајловски, во третата изборна единица пратеникот Драган Ковачки, во четвртата носител ќе биде потпретседателот на партијата и пратеник, Александар Николовски, а во шестата пратеничката Дафина Стојановска. За петката сѐ уште се размислува, а можни кандидати за носители се охридскиот градоначалник Кирил Пецаков или генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски.

Мицкоски тврди дека ќе водат позитивна кампања и обвини дека СДСМ водат црна кампања насочена директно кон него. И покрај тоа, тој не верува во трета опција за гласачите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека доколку победи на изборите е подготвен повторно да разговара и со Брисел и со Софија за отворените прашања.

И во СДСМ се при крај со дефинирање на носителите на листите. Во првата изборна единица на лидерот на опозицијата ќе му се спротивстави Димитар Ковачевски, претседателот на СДСМ, а на второто место би била Моника Зајкова од ЛДП. Во втората изборна единица најверојатно носител на листата ќе биде Сања Лукаревска, во пар со Фатмир Битиќи.

За во третата изборна единица се споменуваат две имиња – Оливер Спасовски или Љупчо Николовски. Во четворката Венко Филипче. Во петката се очекува да биде Јован Митрески, а во шестката, Славјанка Петровска.

Рокот за пријавување на кандидатските листи завршува на 2 април.