Беа паркирани како примероци во салон, ќе одеа на струја, ама ни 19 месеци подоцна, не успеа да се направи ниту еден електричен автомобил со ознака на потекло Маде ин Македонија.
Тетово нема да стане дом на фабриката за електрични автомобили која заеднички требаше да ја градат Еколог и германската компанија е.Го. Дирекцијата на ТИРЗ објави дека нема да ја исплати државната помош која е побарана поради финансиските проблеми на компанијата во Германија.
Инвеститорите не удрија ниту лопата на градилиштето, влегоа во процес на набавка на машини, неколкупати бараа државна помош, но нема да добијат бидејќи се влезени во постапка слична на стечај во Македонија, потврди за Телма, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Дирекцијата за ТИРЗ, како застапник на Владата ги активирала заштитните механизми во потпишаниот договор, кои ги предвидуваат и овие околности како стечај или ликвидација, за запирање на доделување на државна помош.
Објавивме за да нема разногласија и шпекулации во јавноста, вели Деспотовски. Потврдува дека проектот за фабрика за електрични автомобили станал ризичен поради нестабилната побарувачка на електрични автомобили низ Европа. Истото го навела и самата германска фирма пред судот во Германија каде барала заштита од несолвентност.
Добрата вест е што државата не исплатила ниту денар како државна помош, лошото е што нема да се вработи никој од планираните 900-тини работници во инвестицијата планирана да изнесува 130 милиони евра.
Проектот беше промовиран пред државниот врв во август 2022-ра, говореа и присуствуваа Ковачевски, Груби, Дестани, Џафери, но државата и Полог не успеаја да се нацртаат на мапата на автомобилската индустрија.